en fy eu mk sl ga

Stefan Markovski

2018-08-30 14:50 — Donostia, Basque Country

ДЕН 3: Билбао

Бројот на жители на Билбао според пописот од 2016 е околу 350 000 жители, со вкупно население во метрополата од 875 552. Според ова, Билбао е најнаселен град во регионот Бискај и цела Баскија.

Од Билбао доаѓаат светски значајни имиња како од филозофијата, така и од уметноста, како големиот модернистички (егзистенцијалистички, позитивистички) писател и филозоф Мигуел де Унамуно (1864-1936), режисерите и сценаристи Педро Олеа (1938) и Алекс де ла Иглесија (1965), авторката на „Вагинални монолози“ Анабел Очоа (1955-2008) и други.

Објектите од културата во централното градско подрачје претставуваат невообичаено скоцкан меланж помеѓу традиционалното и модерното. Една од главните атракции на градот е титаниумската, ексцентрично искривена зграда на музејот Гугенхајм во населбата Абандо, дизајнирана од архитектот Франк Гери, пред која се наоѓа светски познатата скулптура од 1992 година Puppy од контраверзниот и често прогласуван за кич-ориентиран американски поп-скулптор Jeff Koons (1955).

Овој музеј изобилува со ликовни, односно уметнички дела кои отелотворуваат различни модернистички, постмодерни и авангардни тенденции од 20-от век, како на пример 100-метарската Змија од Р. Сера, до слики од Ротко, де Кунинг и сл.

Освен музејот на Гугенхајм, воочливи зданија се: општинската зграда, стадионот Сан Мамѐ на ФК Атлетик, неколкуте уникатни, стари и модерни мостови над реката Нервион и други објекти од кои некои беа доловени од нашиот фотоапарат. Земајќи го сето ова предвид, не е претерување констатацијата дека Билбао со својата архитектура и уметност олицетворена во многубројните извонредни градби и вонредно богат културен живот го претставува срцето и мозокот на целата баскиска култура. Како обид за потврда на ова тврдење ги приложуваме фотографиите подолу.