en fy eu mk sl ga

Stefan Markovski

2018-09-12 20:00 — Donostia, Basque Country

ДЕН 4: Филмски архив

Од аспект на сето она што е опфатено од термините култура и уметност, градот Сан Себастијан е несомнено најпознат по својот филмски фестивал, кој годинава ќе се оддржи во периодот од 21 до 29 септември. Во рамки на истиот, проекции ќе има насекаде низ градот, а едно од клучните места ќе биде зградата-културно средиште Табакалера, каде покрај филмски проекции, се оддржуваат и многубројни изложби, перформанси, промоции и презентации, концерти, а студентите имаат можност да го минуваат времето и во неколкуте нејзини пространи читални.

Во подрумскиот дел на Табакалера, меѓу другото се сместени и просториите на Филмскиот Архив во кој се поместени плочи, дискови, камери, оригинални сценарија и друга опрема, како и лични предмети на личности значајни за баскиската, односно шпанската и европската кинематографија.

Архивот изобилува со илјадници вакви раритетни изданија, меѓу кои може да се сретнат и наслови од големиот француски режисер и илузионист Жорж Мелиес (1861 – 1938) еден од првите кинематографи кои обемно користеле специјални ефекти. Најстарата филмска плоча е од далечната 1898. година, а предметите се чуваат во посебни простории подложни на постојана вентилација, а најстарите меѓу нив се чуваат на температура од само 6° C.