en fy eu mk sl ga

Stefan Markovski

2018-09-29 15:20 — Donostia, Basque Country

Филмски фестивал во Сан Себастијан


За Сан Себастијан, град со нешто помалку од половина милион жители во метрополитанската зона, извонредна храна и многубројни секојдневни настани, барем во изминативе 2 месеци, стекнавме претстава како за едно од културните жаришта во Баскија, Шпанија, а веројатно и на европскиот континент. Еден од поткрепувачките факти за паневропските димензии на културната егзистенција на овој град е несомнено и титулата европска престолнина на културата за 2016-та година.

Филмскиот фестивал во Сан Себастијан (SSIFF) е можеби централна причина за високиот културен статус на овој град, а кој како таков се смета за 4-ти најреномиран филмски фестивал во европски рамки, по фестивалите во Кан, Венеција и Берлин.

Годинешново 66. издание на филмскиот фестивал во Сан Себастијан се оддржува од 21 септември до денес, 29 септември. Изминативе денови беа емитувани бројни филмови од десетици земји, а беа доделени и сѐ уште, заклучно со денешниот ден се доделуваат повеќе награди во различни категории.

Така, добитници на наградата за животно дело (Donostia) се популарниот холивудски актер Дени ДеВито, кој на публиката ѝ го претстави анимираниот филм Smallfoot, јапонскиот режисер, сценарист и монтажер Хироказу Коре-Еда и британската актерка Џуди Денч, можеби најпозната по улогата на М, односно шефицата на MI6 во филмскиот серијал „Џемс Бонд“.

Филмот кој го отвори фестивалот во салата Kursaal е аргентинскиот El amor emos pensado („Неочекувана љубов“) од продуцентот Хуан Вера со што истиот претставува негов дебитантски долгометражен игран филм, а филмот предодреден за неговото затворање е Bad times at the El Royale, втор долгометражен игран филм на Дру Годард во киното Velodromo.

Наградата Fipresci која ја доделува меѓународната федерација на филмски критичари ѝ припадна на режисерката Клер Денис за филмот High life („Висок живот“).

Во трка за главната награда на фестивалот, Concha de Oro или „Златната школка“ за најдобар филм која треба да биде врачена на филмскиот продуцент влегуваат филмовите од официјалната селекција достапни на фестивалскиот веб сајт.

Помеѓу актерските ѕвезди кои привлекоа особено внимание кај помладата публика беше Рајан Гослинг, кој на публиката заедно со актерката Клер Фој ѝ го претстави филмот First man, како и Крис Хемсворт како Били Ли во Bad times at the El Royale, каде исто така се појавуваат и Дакота Џонсон, Џон Хем, Синтија Ериво, Џеф Бриџис и други.

Интересно за споменување е и фестивалското претставување на првиот филм на Бредли Купер во улога на режисер - A star is born („Ѕвездата е родена“).