en fy eu mk sl ga

Marija Makeska

2016-10-22 18:57 — Friesland

Не е ова Холандија

Едно големо здраво од земјата на Нискоземците. Јас сум во Фризија, покраина на оваа преубава држава - кралство, кои се лутат кога ќе ги наречете Холанѓани. "Ние не сме Холанѓани, ние сме Нискоземци". ми држеа лекција по историја, географија и литература во Трезор организацијата за време на првата недела од мојот престој. "Нискоземска ја сочинуваат Фризија, Гронинген и Холандија." На сите што се од Холандија им годи кога ќе им се каже дека се од Холандија, особено ако се во Хаг, Амстердам, Утрехт, Ајндховен или Ротердам, ама Фризијците се Фризијци, имаат свој јазик, свој патриотизам, и сакаат да бидат свои.

Фризијците се со борбена и патриотска душа. Покраината има своја автономија, знаме, јазик, културен центар, музеј, библиотека, филмска архива и центар на културата е градот Леуварден, или на Фризиски е Љауврт. Иако Холандскиот јазик е главен државен јазик, Фризискиот го вметнуваат и во школството кај малите деца. Покраината дава многу средства за книги во моментов, што е добро за писателите, но се борат и за филмски фонд, со образложение дека ќе има економски пораст.

Фризијците се горди на тоа што доаѓаат од мали места, од села кај што животот е мирен, тивок, и се бават со сточарство. Нормално дека не е секој сточар, но еднаш ми рекоа "Гледај го Сидс, на пример. Тој е човек што сонува, голем поет, но сепак е на земја. Прав Фризиец е тоа. Тоа е затоа што нашата крв е селска крв, ние сме сточари." Ова е жива вистина. Ниту еден Фризиец не летал високо и не зборува за нешто што е нереално. Тоа е, така е, точка.

Цела Нискоземска е мирна, ама Фризија е навистина многу мирна покраина. За повеќе од еден месец што сум веќе тука, само три пати имам слушнато полициска кола, и три пати моите соседи имаа вечерна забава. Во Америка слушав секој ден полиција, па амбуланта, па противпожарна бар еднаш во денот, да не зборуваме за брзите колишта и за тракторите. Во Скопје се бучи и дење и ноќе со моторите и колите, и со тоа мислат многу се "закон". Тука, место бучава, сакаат точаци. Сигурно половина од луѓето, ако не и повеќе, ги користат своите бицикли секој ден до работа и дома, за шопинг и за низ град. Имаше дури и жена која во својата професионална работна облека го користеше своето кану на каналот за превоз. Значи, за да се намали таа Скопска бучава и да има повеќе паркинг места, што треба да направиме сега? Да користиме точаци. Ама македонското его и материјализам се преголеми. Џабе и влада да донесе закон за тоа, и пари на секој жител да му даде, кога нема свест.

Возот е скап луксуз што секој го користи. За одеше и враќање со воз од Љауврт до Харлинга е 11 евра, до Амстердам е 50.40 евра, до Утрехт е 50 евра. Со мал буџет, ако сакаш да мрднеш од дома, ќе бираш дали да јадеш леб и ајвар, леб и сол, леб и мармалад, само леб, или ќе решиш да ослабеш. Твој избор. Има ајвар во Љауврт. Не грижи се.

Ова е слика со Нискоземски спорт - кајт сурфинг. Прекрасна глетка, нели?